Интересен дуел помеѓу екипите на Ф.К. „Кожуф“ од Гевгелија и Ф.К. „Победа“ од Валандово денес се одигра на градскиот стадион во Гевгелија. Играчите уште во самиот старт на натпреварот навестија динамична и возбудлива игра. За среќа на домашниот тим, гостите уште во првата минута два пати ја погодија пречката, по што заканите се префрлуваа од едната на другата половина од теренот, но сепак без постигнат гол. По кратката пауза, играчите истрчаа на терен, но сепак гостите не успејаа да го издржат темпото на домакинот и по многуте шанси, веќе во 63та минута по упатен удар кон голот топката се одби од гостинскиот играч Митков Слободан и беше постигнат авто-гол за водство на домакините од 1:0. Веднаш по водството, Гевгеличани покажаа дека не се задоволуваат со помалку од три бода и во прекрасна акција во 65та минута Тошевски Марио постигна гол за конечни 2:0. Играчите на двете екипи го задржаа динамичното темпо до самиот крај на натпреварот и им приредија возбудливи моменти на гледачите кои ги имаше во голем број. На натпреварот беа досудени пет жолти картони и тоа три за играчите на Ф.К. „Кожуф“ и два за играчите на Ф.К. „Победа“.